Сабота, 12 Ноември 2011 15:26
На 50 степени дење и на минус 10 ноќе, маратонецот заедно со уште 1000 спортисти од целиот свет ќе се обиде да направи подвиг, а со тоа и да им помогне на гладните деца во Африка. Секој од учесниците од свој џеб плаќа 3.500 евра за хуманата мисија, а Лазиќ се надева дека трката и нивните натчовечки напори ќе ги натераат донаторите од целиот свет да се вклучат во акцијата за помош на илјадниците деца кои секојдневно умираат од глад во замијте од субсахарска Африка.
Ненад Лазиќ, ултрамаратонец по потекло од Хрватска кој живее во Битола, ќе трча 250 километри долг ултрамаратон во Мароко во пустината Сахара и тоа на температура од 50 степени Целзиусови во екстремни услови. Во трката во која учествуваат 1000 маратонци од цел свет, тој за прв пат ќе ги претставува Македонија и Хрватска.
Парична награда нема, но вели награда му е постигнувањето на големиот спортски предизвик и уште поголемата цел собирање средства за помош за децата во Африка во областа на Сахара кои поради нехигиена и недостиг од свежа вода се соочуваат со различни вирусни болести. Во околината на Битола Лазиќ се подготвува за ултрамаратонот кој трае седум дена во кои секој натпреварувач треба дневно да истрча од 35 до 80 километри.
„За тие седум дена треба да истрчаме околу 250 километри распределени во шест етапи. Eден ден е слободен за одморање и лекување на болки ако ги има. Температурите таму преку денот се и до 50 степени, а ноќе под 10 степени. Значи треба и тие временски услови да ги совладаме покрај физичкиот и менталниот напор. Воедно отежнувачки е што треба целата опрема која ја користиме, храна, опрема за спиење, за хигиена, за натпреварување, се треба да носиме во ранец на грб кој ќе биде тежок околу 15 килограми. Значи трчање во пустина, на песок, на 50 степени, а покрај тоа уште и еден ранец од 15 килограми на грб“, вели ултрамаратонецот Ненад Лазиќ.
Целта на трката е да се анимираат донаторите ширум светот да дадат свој придонес за подобар живот на децата во Африка. Првите донатори се самите учесници. Секој натпреварувач, вклучувајќи го и Лазиќ, плаќа по 3.500 евра котизација. 50% одат во хуманитарниот фонд, а со останатите 50% се покриваат трошоците на организацијата. Заради анимирање на донаторите тој деновиве сними и промотивен видео материјал во режија на Дарио Јанковиќ.
„Награда ќе ми биде ако успеам да го завршам тој натпревар и јас верувам дека ќе успеам. Парична награда нема и сите ние трчаме со една хуманитарна цел. Не има околу 1000 натпреварувачи од цел свет, сите земји се застапени, а сега прв пат ќе бидат и Македонија и Хрватска преку мене. Собираме средства за децата од Африка од подрачјето на Сахара кои имаат потреба од разни лекови против различни вирусни и бактериски болести. Со тие средстваа им се прави дел од инфраструктурата, им се овозможува да имаат свежа вода, потоа амбуланти, кујни, училишта, им се организираат спортски активности. Целиот натпревар е хуманитарен“, вели Лазиќ.
Натпреварот кој започнува на 6 април следната година постои веќе 27 години, но за прв пат и Македонија со свој претставник ќе даде придонес за спас на децата во Африка.
| < Пред | Следно > |
|---|