


Сабота, 05 Септември 2009 02:12
Спорт
Македонските едриличари се вратија од Балканијадата која се одржува во Србија, бидејќи организаторите имале проблеми со нашето уставно име.
Македонските едриличари ја напуштија Балканијадата која се одржува во Србија бидејќи им бил поставен ултиматум да настапуваат како претставници на ФИРОМ.
Организаторите се решиле да ги послушаат Грчките претставници и да им забранат на Македонските едричиари да настапуваат под уставното име, Македонија.
Проблемот започнал кога на неколку дена пред почетокот на Балканијадата, на официјалната веб страна нашето име било променето со ФИРОМ, на што нашите претставници упатиле жалба, но промени немало.
„На ова реагиравме и усно и писмено, но иако инсистиравме, до отворањето не добивме информација под кое име планираат да настапиме на Балканијадата. Пред самиот почеток од страна на претставници на организаторите ни беше кажано дека мораме да ги соблечеме национални дресови на кои пишуваше „Macedonian sailing team“, што беше одбиено од наша страна“ изјави генералниот секретар на Македонската едриличарска федерација, Стефан Ставрев.
На отворањето македонските едриличари сепак застанале зад таблата на која ја пишувало привремената референца ФИРОМ, но организаторот ја прекинал церемонијата и им поставил ултиматум, или да ги соблечат маичките или да ја напуштат церемонијата.
Македонските едриличари се обиделе да останат спортисти до крај, но не го прифатиле ултиматумот на организаторот.
„Ние не го прифативме ултиматумот и се обидовме повторно да се построиме во што бевме спречени од страна на одредени лица, нашата табла беше тргната, македонското знаме не беше подигнато и не се свиреше нашата национална химна“ додаде Ставрев.
По овој инцидент едриличарите од тимовите на „АМАК СП Бофор“ и „Стрмец“ од Охрид и „Снегар“ од Струга си заминале од Балканијадата, а за тоа ја известиле и македонската амбасада во Р. Србија.
