Четврток, 02 Февруари 2012 18:19
Членството и симпатизерите на сите партии кои беа со десен предзнак, но произлегоа од ВМРО-ДПМНЕ, се вратија во матичната партија. Значи, кај малите десни партии немаше идеолошки раздор, туку персонални несогласувања. Причината гласачите да се откажат од поддршката на ВМРО-НП и дел од нив да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и да се вратат таму беше приближувањето на Љубчо Георгиевски кон СДСМ.
Ова денеска за МИА го изјави политичкиот аналитичар Влатко Божиновски кој смета дека се покажало оти во Македонија граѓаните се делат на две опции, на ВМРО и на СДСМ, односно на десничари и на левичари и дека се стеснува просторот на малите политички партии. Според него, оние кои гласале за малите партии на последните избори се таканаречени нови гласачи и само прашање на време е кога ќе се вратат во матичната партија ВМРО-ДПМНЕ.
- На изборите се покажа дека најголем дел од тие гласачи се приклучија кон ВМРО-ДПМНЕ, останаа дел кои што гласаа и за ВМРО-НП, за Достоинство и за Љубе Бошкоски, но тоа беше апсолутно недоволно да освојат ниту еден пратеник. Тезата беше дека по изборите тие партии ќе се распаднат, бидејќи суштината на нивното постоење престанува да егзистира. Значи, Бошкоски немаше некоја друга идеолошка матрица која што ќе им ја понуди на гласачите, ниту Достоинство, ниту пак ВМРО-НП, рече Божиновски.
Осврнувајќи се на случувањата во ВМРО Народна партија, истакна дека во овој случај има две поенти и било прашање на време кога по изборите ќе се случи она што се случи вчера. - Прва е онаа изјава на Георгиевски дека тој би правел коалиција со СДСМ и со Бранко Црвенковски пред да помисли да направи коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Значи, тоа беше првиот удар кој што многу луѓе не можеа да го проголтаат, смета политичкиот аналитичар.
Посочи дека со приближувањето на раководството од помалите партии кон левата опција всушност ги изневерувааат барањата на гласачите, кои можеле да се помират со многу работи, но не и со коалиција со „главниот непријател“, односно СДСМ, пред се Бранко Црвенковски.
Како втора поента за разочарување на членовите на ВМРО-НП, Божиновски ја посочи изјавата на Георгиевски пет-шест месеци пред изборите дека е средно богат бизнисмен. - Значи, Љубчо Георгиевски не е политичар, туку средно богат бизнисмен. Доколку се спојат тие две изјави произлегува дека неговиот политички ангажман е од чисто лукративни причини, односно поради определен бизнис профит, истакна Божиновски.
Тој смета дека Марјан Додовски и раководството само ги следеле своите симпатизери и гласачи кои што во најголем дел по изборите почнале да се враќаат во својата матична партија. - Она што се случи вчера беше само официјализирање на распадот кој настана веднаш по самите избори и пред изборите, затоа што ако во 2009 година ВМРО-НП имаше 60.000 гласачи, во 2011 имаше 28.000 гласови. Значи, ВМРО-НП не постои повеќе како партија, бидејќи во изминатите шест месеци до две години најголем дел од членството се врати или се враќа или ќе почне да се враќа кон матичната ВМРО-ДПМНЕ, во најголем дел поради самата политичка поставеност на Љубчо Георгиевски како почесен претседател кој што се приближува до Бранко Црвенковски и до СДСМ и најави дека тоа го прави заради негови лични бизнис интереси, потенцираше Божиновски.
Тој посочи на прашањето кое вчера Георгиевски не го одговорил, а се однесува на тоа дали има плацеви и некои бизнис релации со определени луѓе во СДСМ. Бидејќи не одговорил, смета Божиновски, значи дека има бизнис релации и она што го кажал Додовски е вистина.
- ВМРО-НП, Љубе Бошкоски, ниту Достоинство немаа некоја друга идеолошка матрица која што ќе им ја понудат на гласачите. Едноставно, нивните лидери не се согласуваа со Никола Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, така што разликите не беа идеолошки, туку беа персонални. Во тој случај многу е лесно тоа гласачко тело кое што ги поддржува тие мали партии да си се врати во матичната, вели Божиновски.
Во однос на идејата на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски за српски ДОС тој смета дека таа „паѓа во вода“. - Ние имаме две партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои се надеваа дека ќе успеат нешто да повлечат. Сега единствена партија која што останува во таа меѓузона е условно кажано ЛДП. Зависи од нивната желба и од нивната сила дали ќе успеат да се изборат за еден простор во средина за да може да привлечат нови гласачи. Но, веќе во десницата имаме една партија, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи овие три партии се распаднаа, рече Божиновски во изјава за МИА, потенцирајќи дека 50.000-те гласови што малите партии ги освоија на последните избори сега веднаш можат да им се прикачат на контото на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Слободан Чашуле било природно да се очекува партијата која била создадена заради суета и лични интереси, мислејќи на ВМРО-НП, кога ќе созрее и ќе сфати каква судбина и наменил т.н. историски претседател сега да се распадне.
- ВМРО-НП со преминувањето на раководството, значи претседателот, Извршниот комитет и сите други организациски облици назад во ВМРО-ДПМНЕ, веќе престана да постои и нема таков политички спектар во Република Македонија. Тоа е вонредно добро, бидејќи партиите како Народна и други сателити создадени да остваруваат лични амбации, да лечат суети на последните избори на десниот центар и десницата им нанесоа штета одлевајќи гласови, вели Чашуле во изјава за МИА.
Со окрупнувањето на десницата, смета тој, веќе нема да има атомизирани лични пајтон партии, туку крупна партија која има конкретна понуда.
- Левицата нема конкретна понуда и се додека не се роди некоја идеја која ќе биде привлечна за граѓаните кои сега веќе гласаат за своите интереси, а не за интересите на секакви самонабедени водачи, ние ќе имаме доминантна десница во државата и заради реформската понуда тоа е добро, но за здравјето на нашето општество е нужно сличен феномен да се појави и во СДСМ и млади, зрели политичари да ја преземат партијата и да се ослободат од овој транзициски баланс кој ги доведе до исчезнување, истакна Чашуле, додавајќи дека она што може да го направи Црвенковски сега е, како што рече, македонски СОС или СОМ, односно, Сојуз на сталинисти или Сталинисти од Македонија
| < Пред | Следно > |
|---|
Skopje, Macedonia | |||||||
![]() |
| ||||||
| ![]() CALM | ||||||
| Детална Прогоза | |||||||
| Одберете го вашиот град... | |||||||
| |||||||