Среда, 16 Ноември 2011 14:19
Вчера пред споменикот „Мајкино скршено крило“ до Домот на градежниците во Скопје, се одржа дваесет годишен помен за педесет и четворицата убиени македонски војници на фронтовите во Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина во војната 1991 година, во предвечерието на распаѓањето на поранешна СФР Југославија. Првата жртва беше Сашко Гешовски од Кавадарци кој загина во Сплит, а потоа по него во Хрватска, Словенија и Босна беа убиени многу војници од Македонија. Многумина останаа инвалиди...
20 години подоцна, на споменикот изграден пред пет години, со насолзени очи, најблиските ги вратија спомените, кога младите војници во татковината им ги враќаа во ковчези.- Никогаш нема да се намали болката, само кога ќе умрам, тогаш - вели Марика Крстевска, мајка на загинатиот Тони Крстевски.
- Како загина и за кој загина, не знаеме. Не можеме да разбереме, а ете 20 години поминаа, - рече Стојна Сиевска, мајка на загинатиот војник Петре Сиевски.
Болката на овие луѓе и по дваесет години не се намалува, но расте револтот. Имињата на нивните синови ги споменуваат само семејствата. И до ден денес се прашуваат за кого загинаа.
- Ниедно загинато дете, државата воопшто не го спомнува. Како да беа дисиденти. А ние знаеме дека за оваа Македонија загинаа, - вели Томе Манџуковски, татко на загинатиот војник Дејан Манџуковски.
- И по 20 години нема кој да ги посети, да се потсети дека постоеле, освен ние фамилиите, - вели Драгица Миленкова, сестра на загинатиот војник Добре Николов.
- Едно ми беше. И сакам, било на објект, било на улица, река, на било што, да се стави неговото име, - рече Цвета Секоска, мајка на загинатиот војник Зоран Секоски.
На денот на сеќавањето, меѓу роднините дојде министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски. До него семејствата имаа повеќе барања. Забелешката кај сите е дека најмногу ги боли тоа што нивните деца се заборавени.
Свежо цвеќе на споменикот на загинатите македонски војници од војната во 1991 година положи и делегација на Светскиот Македонски Конгрес предводена од претседателот Тодор Петров и Златко Неделковски.
Сашко Гешовски, Добре Николов, Мишо Спасеновски, Тони Крстевски, Мишко Митрев, Бојанчо Сибиновски, Петре Аџиевски, Горан Мијаиловиќ, Дејан Манџуковски, Мурсељ Џамбази, Петре Тодоровски, Часлав Стојменовски, Африм Зулфиу, Бранко Стоилов, Драгослав Петровски, Нуман Реџепи, Мустафа Мустафов, Нусрет Камбери, Бранко Стефановски, Ванчо Стојков, Бијамин Сулиман, Златко Владов, Фазли Иљаз, Марјанчо Талевски, Бедри Елези, Ељаса Хасипи, Маријан Митев, Јован Поповски, Сашко Стојменов, Наџмедин Османи, Антонио Неделковски, Ферат Беќири, Селајдин Ризвани, Љупчо Василев, Тони Филипов, Горанчо Стојков, Ѓоре Ѓеровски, Таип Алиу, Јован Димитров, Ивица Мајиќ, Ѓорѓи Зерзовски, Зоран Сековски, Мемед Зекир, Задин Саити, Зденко Маркелиќ, Душан Граовац, Зоран Донев, Неат Ахмети, Петре Сиевски, Неџмедин Љатифи, Севдаиљ Сулејмани, Феми Садику, Ванчо Стојанов... Загинаа 1991 година, за Македонија, на фронтовите во Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Од таа војна трајни инвалиди останаа многумина. Татковината вреди сите нив редовно да ги споменува, оти и тие се вложија во темелите на државноста на Македонија. Не загинаа на територијата на Македонија, ама се вградија во државноста на Републиката. Тоа беше војна во предвечерието на распаѓањето на поранешна СФР Југославија и осамостојувањето на Македонија. Нивните животи беа злоупотребени од српските официри во поранешна ЈНА за српските хегемонистички интереси, ама не беа српски туку македонски војници и затоа нивната жртва е еднаква на бранители на Македонија. Ако не беше таа војна, Македонија се’ уште ќе беше во голема Србија, односно во редуцирана Југославија, Македонија немаше да биде самостојна и суверена држава. Злоупотребата на нивните животи во војнички униформи, нивната смрт, макар за туѓи интереси, иако други не убија, во други не пукаа, не ја намалува нивната жртва за државноста на Македонија. Затоа велиме, загинаа за Македонија, на фронтовите во Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина, 1991 година.
- Лесна им земја и Бог да ги прости... загинаа за Македонија, на фронтовите во Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Денес, Светскиот Македонски Конгрес и Здружението на загинатите македонски војници од војната во 1991 година, покренаа иницијатива, и нивните имиња да бидат напишани на бронзена плоча на споменикот на македонските бранители во Паркот на жената борец, заедно со загинатите припадници на Вооружените сили на Македонија од војната во 2001 година. Истовремено, Светскиот Македонски Конгрес и Здружението на загинатите македонски војници од војната во 1991 година, од претседателот на Републиката и Владата на Македонија ќе побараат одобрената еднократна помош на семејствата на загинатите македонски војници од војната во 1991 година од пред четири години, конечно да им биде исплатена. Останаа и многумина трајни инвалиди. Татковината вреди сите нив редовно да ги споменува, оти и тие се вложија во темелите на државноста на Македонија, - рече претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров.
| < Пред | Следно > |
|---|
Skopje, Macedonia | |||||||
![]() |
| ||||||
| ![]() CALM | ||||||
| Детална Прогоза | |||||||
| Одберете го вашиот град... | |||||||
| |||||||