


Среда, 08 Септември 2010 17:33
Македонија
Македонија е ценет партнер на Соединетите Држави, и ние го вреднуваме македонскиот придонес кон светската безбедност, пишува претседателот на САД Барак Обама во својата честитика до граѓаните на Македонија по повод 8-ми септември Денот на независноста испратена до претседателот Ѓорѓе Иванов.
“Ја поддржуваме Македонија која продолжува на реформскиот пат и се движи кон интеграција во евро-атланските институции.
Верувам дека нашето партнерство дополнително ќе се засили и продлабочи како што ја продолжуваме нашата соработка за да оствариме толеранција, мир и просперитет за да го унапредиме човековото достоинство“, се вели во честитката од Обама.
Честитка по повод државниот празник испратил и германскиот претседател Кристјан Волф.
“Доближувањето на Вашата земја до евроатланските структури претставува голем предизвик кој бара готовност за реформи и политичка далекувидност. Препораката на Европската Комисија за отпочнување на преговорите за членство е важен успех“, пишува германскиот претседател во својата честитка.
Претседателот на Италија Цорџо Наполитано по повод празникот вели “убеден сум дека во рамките на заедничката евро-атланска припадност нашите веќе плодни билатерални односи ќе можат дополнително да се развиваат’.
Честитика до претседателот Иванов пристигнала и од Грција.
“По повод националниот ден на Вашата држава, би сакал во име на грчкиот народ и во мое лично име да Ви ги упатам моите најдобри желби за просперитет, благосостојба и напредок на поранешната Југословенска Република Македонија и нејзиниот народ“, се вели во честитката од грчкиот претседател Карлос Папуљас.
Свои честитки испратиле и од шефовите на држави на Литванија, Босна и Херцеговина, Канада, Австралија, Саудиска Арабија и Пакистан.