


Среда, 08 Септември 2010 17:23
Македонија
Денот на независноста денеска беше прославен и меѓу Македонците во Пустец, Албанија. Големиот државен празник беше одбележан со песни и ора во рамките на фолклорниот фестивал “Преспа 2010“ и во присуство на премиерот Никола Груевски.
Груевски претходно се сретна со градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко и претставници на македонската заедница во Албанија.
Груевски по средбата истакна дека Македонците од Албанија и Албанците во Македонија можат да бидат добар мост за зајакнување на односите меѓу двете земји.
„Имајте предвид дека секогаш кога ќе процениме дека на било кој начин можеме да помогнеме, во владата на Република Македонија и во мене лично ќе имате соговорник кој ќе ве ислуша и пријател подготвен да одговори на вашите барања.
Тоа го кажувам искрено и чесно, бидејќи обврска на секој политичар е да помогне на народот“, рече Груевски.
Темелко од своја страна побара повеќе македонски државјанства и зголемување на бројот на студенти на Универзитетите во Македонија, како и помош при нивното лекување.
“Нашата порака останува, нас Македонците не има не само во општина Пустец, туку и во областите Голо Брдо, Гора и во многу други градови.Крајно време е Република Албанија да признае дека постојат Македонци во Голо Брдо, да имаат и тие право да учат на свој македонски јазик и да ги имаат сите права и слободи“, изјави Темелко.
Во рамки на својата посета на Пустец, Груевски ја посети црквата Св „Архангел и Михаил“ која е во изградба.