


Понеделник, 06 Септември 2010 17:16
Македонија

Мета на автоматската пушка на Тони Денковски биле сите тројца - дознава АЛФА од извори во истрагата. Првично имал намера да стрела во велешаните Јордан Јорданов и Владо Андреевски. Кога забележал дека на масата во кафеаната Биг Фиш седи и полицаецот Владо Милошев не се предомислил, напротив, тврдат извори од истрагата, помислил дека нарко мафијашите имаат полициска заштита и се решил да пука во сите. Ваквите сознанија се спротивни на информациите пласирани од полицијата дека само Јордан Јорданов бил мета на нападот.
Во правец на тврдењето на истражителите оди и коментарот на експертите кои проценуваат дека нападот бил изведен професионално со цел да ги застрела само тројцата. Затоа не настрадал ниту еден гостин. Дури и девојката која седела на истата маса останала непогодена. И форензичарите кои имаат информации од обдукцијата за АЛФА потврдуваат дека во телото на Јордан Ркулот биле испукани десетина проектили, нешто помалку во другите двајца.
Тоа, според форензиката, значи дека ниту еден не е погоден случајно. Тони Денковски знаел да пука од автоматско оружје. Криминалистите објаснуваат дека повратниот удар на пушката е силен, но Тони не оставил ниту еден куршум да заврши на страна. Додека истрагата го утврди вистинскиот мотив, причина за нападот остануваат заканите кои му стигале на притворениот од страна на нарко дилери за измислен паричен долг. Инцидентот од минатата седмица ги вознемири скопјани. Денеска советниците во општина аеродром се обидоа настанот да го стават на дневен ред.
“Градоначалникот ни објасни дека немал кворум за таква седница, што е срамота“- изјави
Марија Митановска, советник на СДСМ во општина Аеродром.
Зошто безбедноста не е приоритет за градоначалникот?