


Петок, 27 Август 2010 22:41
Македонија
Во тепачка во која учествувале повеќе лица ноќеска во Охрид животот го загуби 34 годишниот Дејан Новаковиќ, турист од Белград. Неговиот другар, Горан Бериќ, роден 1975 година е повреден и подоцна е пуштен на домашно лекување. Кавгата започна околу три часот утринава во ноќниот клуб Хавана по што учесниците во масовната тепачка од страна на обезбедувањето биле избркани надвор од локалот. Новаковиќ, според кажувањата на очевидци, бил тепан до смрт од група од шест до десет лица.
Од силината на ударите починал на лице место.
„Второто лице е исто пациент на млада возраст. Удиран е со тврд предмет. Поврдите му се санирани и пуштен е на домашно лекување. Тоа лице е надвор од животна опасност. Другото лице беше донесено мртво без знаци на живот и тука лекарската екипа не се обидела ништо да направи бидејќи лицето било веќе со смртни последници без знаци на живот. Првичната констатација е дека е удиран со тап предмет“, изјавиСашо Василевски- општа болница Охрид.
Според последните информации, во масовната тепачка која заврши со трагичен крај учествувале околу 30 млади момчиња.
Во охридската полицијата утрово на информативен разговор биле повикани токму триесетина лица, дел учесници во тепачката, а дел очевидци. Се преземаат мерки за расветлување на трагичниот инцидент.
. Иако првичната информација беше дека во тепачката учествувале две групи српски туристи, последните неофицијални информации говорат дека во инцидентот учествувале и неколку охриѓани откако наводно бил нападнат и сопственикот на ноќниот локал.
„Момче од чаршијата трчаше во правец кон поштата и викаше хистерично: Полиција! Полиција! Се бркааа група луѓе и забележав дека еден беше паднат кај поштата и другите луѓе што беа позади него почнаа да го клоцаат. Притрчав јас и уште еден дечко, јас му го држев јазикот за да не го голтне, а другиот дечко го заврте на страна. Човекот беше во бессознание. Паднатиот бранејќи се со рацете на главата им викаше: „Добро људи шта сам вам урадио!“, на што тепачите му возвратија: „Видечеш ти шта си урадио!“ и продолжија силно да го удираат со нозе по главата и телото, по што се оддалечија од местото“, вели Горан Димитриевски, очевидец.
Настанот го осуди охридската локална самоуправа, од каде велат дека ова е лош момент за Охрид и за туризмот.
„Сакам да изразам големо жалење за настанот што се случи. Изразувам жалење до целиот српски народ, бидејќи ова не требаше да се случи. Чувствувам одговорност за настанот кој се случи, бидејќи српските гости се најбројни во Охрид. Ова е голема работа што се случи. Изразувам големо незадволство кон оние кои се одговорни за јавниот ред и мир. Сметам дека ова негативно ќе се одрази врз туризмот“, рече Александар Петрески, градоначалник на Охрид.
Веста за смртта на Србинот денеска е ударна во речиси сите српски медиуми. Наведуваат дека во Охрид често се случувале инциденти во кои биле вклучени српски туристи, но оти досега ниту еден завршил фатално. Претставници на Амбасадата на Република Србија од Скопје веќе се во Охрид. Од МВР засега сè уште не соопштуваат детали за настанот и велат оти се работи на негово целосно расветлување.