Понеделник, 23 Август 2010 05:36
На покана на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, Претседателот на Република Бугарија д-р Георги Прванов денеска оствари еднодневна работна посета на Република Македонија, во Охрид и Струга.
Македонија и Бугарија споделуваат заедничка визија за иднината, во која сите земји од регионот ќе бидат интегрирани во европските и евроатлантските структури, како најважен предуслов за трајна стабилност, демократски и економски просперитет за целиот регион, оценија македонскиот и бугарскиот претседател Ѓорге Иванов и Георги Прванов денеска во Охрид.
Средбата на претседателите на Македонија и на Бугарија, како што е наведено во заедничкото соопштение на Иванов и Прванов, е продолжение на активниот политички дијалог на највисоко ниво и потврдување на добрите односи меѓу двете земји.
На средбата, беше подвлечена важноста на меѓусебната соработка и поддршката на Бугарија за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО, врз основа на целосното исполнување на неопходните критериуми и услови за тоа.
Одбележана беше неопходноста од активирање на заедничка работа за усогласување на општо прифатлив текст на двостраниот договор, кој што дополнително ќе ги развие и збогати принципите и насоките на односите меѓу двете земји врз основа на европските вредности.
Претседателите на Македонија и на Бугарија се согласија дека двете земји треба да ги искористат реалните потенцијали за јакнење на економските односи и дека ќе ги интензивираат заедничките настапи и соработка во проекти од взаемен интерес за градење и подобрување на патната, железничката, енергетската инфраструктура. Овие проекти двајцата претседатели ги оценуваат и како проекти од регионален и европски интерес.

На средбата беше истакната заедничката визија дека продлабочувањето на соработката во областа на културата, науката и образованието претставува дополнителен поттик за подобрување на билатералните односи.
Иванов и Прванов разменија мислења и ставови и за други актуелни регионални и меѓународни прашања.
Двајцата шефови на држави вечерва ќе присуствуваат на врачувањето на наградата „Златен венец” на бугарскиот поет Љубомир Левчев во рамките на фестивалот „Струшки вечери на поезијата”.
| < Пред | Следно > |
|---|
Се Продава земјиште (нива) во с.Ботун, Охридско, одма до автопатот. Место викано Сатеска, 6-та класа, 500 m2. Цена по договор Лице за контакт: Климе 046 263 448