


Петок, 06 Август 2010 07:06
Македонија
Политички аналитичари, експерти кои подолго време ја следат надворешната политика на Македонија и спорот со името сметаат дека најдоброто решение ќе биде ако Македонија ги прекине преговорите со Грција, бидејќи во овој случај не станува збор за компромис.
Македонија води разговори за решавање на спорот со името веќе 18 години, со тоа Македонија покажува дека ќе прифати да направи некаков компромис односно некаква отстапка, а тоа единствено би можело да биде промената на историското име.
Претседателот на Македонското меѓународно движење за човекови права, Славко Минговски кој воедно беше и организатор на денешната дебата на тема “Дали да се прекинат преговорите со Грција?“ рече дека преговорите треба да бидат прекинати за да се даде до знаење дека името, идентитетот и јазикот нема да бидат променети.
Со овој став согласни се и врвни политички аналитичари кои сметаат дека за овој спор воопшто не треба компромис, бидејќи како што велат за да се постигне компромис треба двете страни да имаат некакви барања и заеднички да отстапат од нешто за да се постигне компромисот.
“Компромис е кога и двете страни се со спротивни барања, но Македонија не бара ништо од Грција, така што не станува збор за компромис туку за капитулација“, рече Љубомир Цуцуловски на денешната дебата.
Цуцуловски вели дека проблемот ги помина сите граници и дека прашањето е во тоа како до Европа, а не дали ќе влеземе во Европа и според него ниту една влада нема право да го смени името и да одлучува како ќе се нарекува еден народ.
“Се откажавме од знамето, од дел од уставот, а Грција се уште притиска, Грција нема право да одлучува како ќе се викаме“, истакна Цуцуловски.
Во ставот за да се прекинат преговорите со Грција на дебатата се согласија сите учесници меѓу кои беа и Жидас Даскаловски, Александар Дамовски, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, Јанко Бачев и Слободан Чашуле.
Тие сметаат дека Македонија воопшто не требало да преговара односно се започнало со разговори со кои ниту една од двете страни не е обврзана да промени нешто, проблемот настанал кога разговорите преминале во преговори.
“Македонија води една понизна, лесна и попустлива политика, тоа го докажа со прифаќањето да се преговара за се и сешто“, рече Александар Дамовски.
Слободан Чашуле кој е долгогодишен политички аналитичар и поранешен министер за надворешни работи беше категоричен, строг и јасен во ставот дека треба веднаш да се елиминираат преговорите.
“Македонија не смее да преговара, не за историското име, Македонија не е обврзана со никаков документ да мора да преговара“, рече Чашуле и додаде дека ова се јалови преговори кои Грција ги претвори во диктат и воедно ги прекршува човековите права.
Она што беше потенцирано од страна на учесниците на дебатата дека албанските партии во Македонија се за да се промени името, а Љубомир Цуцуловски им порача дека тие најдобро знаат како е да се чува нешто свето.
“Ние ги разбираме за се што ним им е свето, ги замолувам и тие да разберат дека името, јазикот, идентитетот за нас се света работа“, порача Цуцуловски.