Петок, 30 Јули 2010 21:14

Вчера пред собраниската комисија беше претставен новоизбраниот македонски амбасадор во НАТО Алијансата, Мартин Треневски. Треневски ја остави помалку изненадена македонската јавност после своето претставување од причина што ситуацијата во НАТО не ја опиша како нај розова. Треневски, како што најави, во Брисел заминува со намера или задача, на колегите амбасадори во НАТО да им дели лекции за демократија и солидарност, да ги натера челниците во НАТО да ја сменат политиката кон Македонија – Грција да не може повеќе да го кочи влезот во воениот сојуз.
„Непоканувањето на Македонија за членство во НАТО на самитот во Букурешт, сериозно го наруши и угледот на Алијансата. Заклучоците од самитот на НАТО во Букурешт кои се однесуваат на Македонија, а се базираат на начелата на консензус и солидарност се апсурдни и неодржливи. Солидарност со нешто кое со политички речник може да се дефинира и како политичка и економска агресија на земја - членка на Алијансата врз земја - кандидат, ниту една демократија не би можела да се согласи. Ќе настојувам заклочокот од самитот на Букурешт да се корегира и да се вопсостави покоректен однос кон нас како земја кандидат, која дава придонес во рамки на своите можности за целите и идеалите на Алијансата“ - вели Треневски. Тој дополни дека на Алијансата сега не и цветат розите на воен план, според него сега треба да се инсистира на економска дипломатија која ќе даде подобар ефект на земјата.
Владеачката ВМРО ДПМНЕ го оправдува ваквиот настап на Треневски меѓутоа тој предизвика реакции кај опозицијата.
„Дипломат несмее, строго е забрането, тоа е спротивно на интересот на секој македонски граѓанин, да ги дели државите на пријателски и непријателски. Недозволиво, катастрофално, грешно, несмеете тоа да го правите, бидејќи работите директно против секој македонски граѓанин“ - порача Игор Ивановски, пратеник на СДСМ.
И првичните коментари на дипломатските кругови во Скопје, по презентацијата на Треневски, се движеа во слична насока. Тие изјавија дека станува збор за лошо решение за амбасадор во НАТО.
„Неговите ставови за алијансата од старт го осудуваат на т.н. изолација од останатата меѓународна заедница во Брисел“ - велат дипломати, според кои на ваков начин македонските позиции ќе бидат слабо застапени во алијансата – организација, која како што велат, и покрај оспорувањето на Треневски, сепак се темели на солидарност и едногласност.
Новоизбраниот амбасадор Треневски почнува со работа од 1 септември доаѓа на местото на Кире Илиевски кој треба да биде новиот амбасадор во Стокхолм. Испратен е по налог на Претседателот Иванов, Премиерот Груевски и шефот на дипломатијата Милошоски. Претходно тој беше амбасадор во Шведска и конзул во Канада, но и министер за иселеништво во Владата на Љубчо Георгиевски.
| < Пред | Следно > |
|---|
Се Продава земјиште (нива) во с.Ботун, Охридско, одма до автопатот. Место викано Сатеска, 6-та класа, 500 m2. Цена по договор Лице за контакт: Климе 046 263 448