Четврток, 29 Јули 2010 20:02
Неосновани се наводите изнесени од Душко Илиевски преку средствата за јавно информирање, за наводно малтретирање, тортура и друго нечовечко однесување врз него од страна на полициските службеници од СВР-Битола утврди Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди по извршените разговори со сите инволвирани лица, направениот увид во целокупната евиденција и врз основа на преземените мерки.
Во конкретниот случај полициските службеници при превземањето на службените мерки и дејствија постапиле согласно Законот за кривична постапка, Законот за полиција и Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, соопшти денеска МВР.
- Тој што за друг ќе изнесе нешто невистинито што е штетно за угледот и честа ќе се казни со парична казна, се вели во член 172 од кривичниот Закон на Македонија. Затоа МВР апелира, Илиевски да се извини за изречените клевети и навреди или истите ќе треба да да ги докаже на суд.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска денеска во рамки на собраниската седница, одговарајќи на пратеничко прашање во врска со овој случај и обвинувањата дека е политички монтиран, објасни дека контролата утврдила оти во целата постапка се почитувани сите процедури за лишување од слобода, што е и оценка на истражниот судија. И таа побара извинување од Илиевски и другите кои го трвделе спротивното.
- Контролата покажа дека за ова ваше обвинување не постојат никакви ниту материјални, ниту било какви докази за наводно малтретирање, тортура или друго нечовечно однесување. Сметам дека ќе имате доблест да се извините од собраниската говорница бидејќи на крајот и клеветата е кривично дело според Кривичниот законик, рече министерката за внатрешни работи.
Според неа, дека не се вистинити обвинувањата покажува и фактот што полицискиот службеник кој бил спомнуван во изјавите како лице кое ја вршело тортурата, воопшто не обавувал разговор со приведените, како и тоа што тие во ниту еден случај кога за тоа имале можност не барале во записниците да се нотира дека такво нешто се случило иако на тоа имале право.
Јанкулоска констатира дека состојбата се менува по 20 јули кога тројца приведени ги посетува блиска роднина на една од предводниците на протестот за поддршка на Илиевски.
- Не знам дали ова е политичка порака пренесена на притворениците или е злоупотреба или нешто друго, тоа допрва треба да се види. Но, од тогаш за прв пат се бара да се нотира дека лицето било изгребано на стомакот, а лицето се тврди дека било удрено со столица на главата. Иако не знам како од таков удар може да се добие гребаница на стомак, додаде Јанкулоска.
МВР апелира да се обрне посебно внимание во однос на непристрасноста при работата и изготвувањето на извештајот на заменик - народниот правобранител од Битола со оглед на фактот што истата е во многу блиски роднински врски со лице кое учествуваше во партиските протести кои се одржуваа за ослободување од секаква одговорност и прекинување на постапката која се води против Д.И.
- МВР не може, а да не изрази зачуденост од досегашниот молк на Заменикот правобранител, на кого по извршениот разговор во четири очи, Д.И. му се пожалил на гребнатина на стомакот, а во сите пренесени изјави по медиуми обвинува дека бил тепан со стол по глава за да признае, од луѓе кои не присутвувале на разговорот во кој во присуство на адвокат се бранел со молчење, стои во соопштението од МВР.
СВКПС констатира дека по претходно добиено оперативно сознание и наредба за вршење на претрес на дом и други простории возила, помошни објекти и земјиште бр.КРИ 265/2010 издадена од Истражниот судија при Основниот суд во Битола, од страна на СВР-Битола на ден 15.07.2010 година извршен е претрес со цел пронаоѓање на предмети кои потекнуваат од кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.
Полициските службеници од СВР-Битола на месноста викана Градско поле на нивата сопственост на Т.И., која ја обработуваат и наводнуваат со прскалки неговите синови, пронашле насади на растение канабис од кое со преработка се добива наркотична дрога марихуана, хашиш и масло од хашиш. За извршениот претрес на дом и други простории за време на кој присуствувал и нивниот бранител, а изготвен записник, кој тројцата осомничени одбиле да го потпишат, притоа од нивна страна како и од бранителот не е побарано во записникот во графата за забелешки да биде внесена забелешка. На местото на настанот извршено е фотографирање и снимање на теренот, а 207 корени со различна висина од пронајденото растение со потврда за привремено одземени предмети се одземени. По извршеното истражно дејствие „претрес“, се појаснува во соопштението, околу 13 часот, трите лица, поради основано сомнение дека извршиле кривично дело се приведени во Полициската станица во Битола, за што се изготвени службени белешки за приведување без писмена наредба од суд. Приведените лица се поучени за нивните права, а од тој моментот на нивното приведување во Полициската станица во Битола присуствувал и бранителот кој разговарал со нив. За оствареното право на бранител и други права изготвени се записници, кои од страна на тројцата приведени и нивниот бранител уредно и своерачно се потпишани, а приведените и бранителот не побарале во записникот да бидат внесени дополнителни забелешки за постапувањето на полициските службеници.
- Од извршените проверки СВКПС констатира дека во службените простории разговор со приведените лица ниту во еден момент не е вршен од страна на полицискиот службеник В.Б., кој беше посочен од Д.И., а истиот појасни дека покрај тоа што не разговарал со приведените и не вршел притисок или тортура со цел изнудување на докази. Со приведените, службен разговор извршиле полициските службеници М.Р. и П.Т. кои во службените белешки за собирање на информации од граѓани констатирале дека лицата го користат правото на молчење, односно немаат што да изјават, стои во соопштението од МВР.
Од извршените проверки СВКПС констатира дека во службените евиденци друг службен материјал за исказ, признание, појаснување, дадено од приведените лица, а кое би можело да се искористи против нив во доказната постапка, не постои.
На 16 јули 2010 година осомничените се спроведени пред Истражниот судија во Основниот суд Битола, за што од страна на СВР-Битола се изготвени извештаи, а во просторите на Истражаниот судија за време на сослушувањето присуствувал и Заменик Јавен Обвинител од Основното Јавно Обвинителство. Согласно член 204 став 8 од Законот за кривична постапка законитоста на лишувањето од слобода ја цени Истражаниот судија. Во изготвеното решение за притвор бр.128/2010 година од Истражниот судија е констатирано дека по однос на лишувањето од слобода истото е законито.
Со цел прибирање на дополнителни сознанија и утврдување на фактичката состојба, СВКПС изврши службен разговор со Истражниот судија и Заменик Јавниот Обвинител кои појаснија дека лицата за време на сослушувањето немале видливи повреди на телото, ниту се пожалиле на повреди, или на било какво незаконско постапување во текот на полициската постапка. За даденото појаснување Истражниот судија и Заменикот Обвинител, доставија службени белешки за потребите на СВКПС. Постапувајќи по решението за притвор тројцата се спроведени во КПУ Затвор Битола каде биле прифатени и предадени на заповедникот З.Б., а систематски преглед над притворените лица извршил доктор Е.Т. Во книгата за дневна здравствена состојба на притворениците за ден 16.07.2010 констатирана е добра општа здравствена состојба на лицата за што од страна на докторот е изготвен медицински наод и мислење, а истите немале видливи повреди ниту кај службените лица се пожалиле на било какви повреди. На 20.07.2010 година околу 12 часот во КПУ Затворот Битола Заменик Народниот Правобранител побарала да изврши насамо разговор со притворените што од заповедникот и било овозможено. Веднаш потоа во канцеларијата на заповедникот, побарала со мобилниот телефон да ја слика гребантинката на десната страна на стомакот од Д.И., која повреда по негово кажување настанала од тепање во ПС-Битола. Заповедникот, надзорникот, како и докторот, за погоре наведеното изготвија службени белешки, при што докторот појаснува дека не може да се произнесе кога и од што е настаната гребнатинката кај Д.И.
Министерката Јанкулоска денеска на собраниската седница меѓу другото информира дека во рамки на борбата против трговијата за дрога само од 2007 година до јули годинава, односно за три и пол години запленети се 2 тони 365 килограми дроги и 5.690 стебла канабис.
- Кога СДСМ ја имаше одговорноста во МВР од 2002 до 2006 година запленивте цели 18 килограми дрога. Ние толку можевме, толку запленивме. Инвестираме во капацитетите и ќе се обидеме да бидеме подобри, рече Јанкуловска.
Според неа, за успешната борба сведочат, како што рече и бројните позитивни оценки и извештаи на меѓународни релевантни институции.
| < Пред | Следно > |
|---|
Се Продава земјиште (нива) во с.Ботун, Охридско, одма до автопатот. Место викано Сатеска, 6-та класа, 500 m2. Цена по договор Лице за контакт: Климе 046 263 448