Петок, 13 Август 2010 08:04
Четириесетгодишниот скопјанец Анте и неговата шест години помлада сопруга Катерина од Казахстан, судбоносното -,,Да“ го кажаа во длабочините на Охридското езеро кај туристичкиот комплекс Свети Наум.
Сведоци им беа членовите на нуркачкиот клуб Амфора од Охрид. Подводната венчавка почна со разменување на прстените, по што младенците отвориле шампањ и заедно прославиле со присутните. Анте и Катерина се првите младенци во Македонија кои го направиле овој несекојдневен чин.
„Седнавме и се договривме да го направиме овој и за нас светол чин. Сакавме ова да го реализираме уште поодамна. Низ светот се прават вакви атрактивни работи. На Охрид му фалат доста атракции. Со ова сакаме да ги привлечеме оние туристи кои бараат забава, не само лежење на плажа. Водата беше ладна и не можевме да земеме сè што носи еден пар при секоја обична венчавка. Но, симболично, невестата стави еден бел вел на глава“, вели Милутин Секуловски- Нуркачки клуб Амфора.
Организацијата на подводната венчавка траела два дена, додека нуркањето и церемонијата половина час. Моментите, во 80 фотографии и видео материјал од четири минути, ги овековечил фотографот Емил Димитријевиќ.
„Ова е нешто ново и за нас. Материјалот ќе биде понуден и на други телевизии на Балканот и сигурно ќе го видат многу луѓе. Материјалот ќе биде ставен и на интернет, со што ќе може да го види цел свет“, вели Димитријевиќ.
За време на овој чин, во близина имаше и неколку кајчиња со туристи кои љубопитно го следеа првото подводно венчање во Македонија. Ова е идеја за сите кои се авантуристи во душа, да пробаат подводно да запиваат во брачните води.
| < Пред | Следно > |
|---|
Се Продава земјиште (нива) во с.Ботун, Охридско, одма до автопатот. Место викано Сатеска, 6-та класа, 500 m2. Цена по договор Лице за контакт: Климе 046 263 448