|
Само 6,6 отсто од македонските граѓани патувале во некоја од земјите на Европската унија по визната либерализација што стапи во сила на 19 декември минатата година, додека 93,4 отсто се изјаснле дека не патувале. Ова се резултатите од анкетата што минатиот месец ја спроведе Центарот за истражување и креирање политики од Скојпе меѓу 1.100 испитаници со цел да утврди колку граѓаните ја искористиле можноста за патување без визи во овој краток период. Според оваа анкета 30,1 отсто од испитаниците кои одговориле дека не патувале се изјасниле дека главна причина за тоа е недостатокот на финансиски средства, а 27,8 отсто се уште не успеале да извадат биометриски пасош. Од оние кои успеале да извадат биометриски пасош 18,9 отсто го искористиле за да патуваат во некои од земјите во ЕУ. Само 2,8 отсто од испитаниците кои сеуште немаат нов биометриски пасош патувале по 19 декември. На само 5,7 отсто од испитаниците кои патувале им биле побарани и дополнителни документи покрај биометрискиот пасош или визата која ја поседувале. Дестинации кои биле најпосетувани според анкетата на Центарот и пред и по визната либерализација се соседните Грција и Бугарија. На прашањето дали пред 19 декември сте патувале во земјите на ЕУ потврдно одговориле 39,5 отсто од испитаниците кои посочиле дека патувале во некоја од земјите на ЕУ во последните десет години. Од оние кои не патувле претходно само 4,5 го сториле тоа по визната либерализација. Најголем дел од оние кои патувале пред визната либерализација односно 74,4 отсто одговориле дека патувале приватно.
Што се однесува до етничката припадност, пред 19 декември 2009. процентуално повеќе патувале испитаниците етнички Македонци односно 42,2 отсто, додека по овој датум повеќе патувале етничките Албанци. Од испитаниците кои патувале пред визната либерализација најбројна возрасна група била онаа на луѓе од 46 до 65 години односно 35, 4 отсто, додека меѓу испитаниците кои патувале по визната либерализација најмногу биле оние помеѓу 26 и 35 години односно 31,5 отсто, се наведува во анкетата на Центарот за Центарот за истражување и креирање политики.
|