|
Нивото на водостојот на Охридското езеро е на истото ниво како и претходните денови |
|
|
|
Вести -
Македонија
|
|
Петок, 05 Март 2010 12:05 |
|
Десетина овци и јагниња усмрти водата од каналите од неколку струшки реки која целосно поплави петнаесет хектари со насади во сопственост на стружанецот Хиден Исљами. Се наоѓаат на излезот од Струга кон Ќафасан. Во моментов 120 овци и јагниња се заробени во блиската штала.
“Се обратив кај градоначалникот на Струга да ми помогне. Неговиот одговор беше дека не може да ми помогне. Се обратив до кризниот штаб, ми рекоа да се јавам во Скопје. Но, засега немам никаков одговор и што да правам сега јас? Штетата е најмалку 5.000 евра. Сè е под вода. Еве, гледате? Од ова полошо не може да биде...“, објаснува Исљами.
Хиден вели дека ако не се исчистат каналите тогаш водата ќе остане тука до август. Од Управата за водостопанство ветуваат дека државата ќе ги исчисти сите канали во Струшко.
“Тоа е каналот Шум кој не функционира заради високото ниво на Дрим, Белички Порој и реката Сатеска кои се влеваат во Дрим. Оваа година е во план чистење на коритата на реките Црн Дрим и Црна кои направија најголеми проблеми“, вели Методија Тоневски, директор на Управата за водостопанство.
Инаку, патниот правец Струга - Дебар, кај месноста Луково е прооден. Екипи на Дирекцијата за заштита и спасување дополнително ќе извршат уредување на коритото на реката Дрим за да може да прими повеќе вода во случај на нови обилни врнежи.
“Екипи на „Македонија пат“ и Агенција за државни патишта ќе бидат долж патот Маврово - Дебар каде со стручни лица од Градежниот факултет ќе вршат анализа за заштита на овој пат“, рече Драган Симоновски, портпарол на Министерство за транспорт и врски.
Нивото на водостојот на Охридското езеро е на истото ниво како и претходните денови. Промени на водостојот не се забележани ниту кај вештачките акумулации Шпиље и Глобочица.
|