|
Војници на АРМ градат насипи во Охрид |
|
|
|
Вести -
Македонија
|
|
Среда, 03 Март 2010 09:32 |
|
 Повеќе од 200 војници на АРМ денеска се вклучија во изградба на насипи и поставување на вреќи со земја по должината на бреговите на Охридското езеро. Во акцијата која започна доцна синоќа ќе бидат поставени повеќе од 10 илјади вреќи само во Охрид. Кај струшките села Калишта и Радожда синоќа беше мобилизирано и голем дел од месното население. Денес и таму ќе биде вклучена војската како превентивна мерка во одбрана од евентуално влошување на состојбата поради најавените врнежи. Денеска тука беше и министерот за одбрана.
„Проценките ни се дадени од страна на стручни лица кои работат во Министерството за земјоделство и Управата за управување со води. Таква проценка имаа и професори од Градежниот факултет. Беше посочено дека овој дел од градот е покритичен и треба да ги поставиме овие насипи од вреќи со земја и песок за да не дозволиме брановите да ги поплават улиците“ - Зоран Коњановски-Министер за одбрана
Синоќа Владата формирала пет тимови, а состојбата будно ќе се следи и во следните два месеца. Насипи деновиве ќе бидат поставени и во охридските крајезерски населби, во селото Пештани ќе се наредат појаси од камења за патот да се заштити од силината на брановите. Се работи на заштита и на колекторскиот систем. Попладнево конечно на заедничка маса седнаа градоначалникот на Охрид, Александар Петрески и претставници на централната власт.
„Јас мислам дека треба да направиме сè што можеме да направиме. Но, колку тоа ќе даде резултати, во која мера ќе спречиме удари на бранови и штети не можам да кажам. Не знам колку со ова ќе ги избегнеме поплавите“ - Александар Петрески-Градоначалник на Охрид
Поради зголеменото ниво на водата, некој од бродовите денеска се тргнаа од градското пристаниште бидејќи истото нема соодветна заштитна инфраструктура. За време на поголеми бранови бродовите можат да бидат исфрлени на суво и да бидат оштетени.
|