|
Владата во петок се очекува да го усвои новиот пакет антикризни мерки, најави денеска премиерот Никола Груевски. - Имавме повеќе состаноци со министрите од економските ресори. Вчера беше последниот и се договоривме в петок вечер да имаме специјална седница на Влада на која ќе ги усвоиме овие мерки, така што се надевам дека следната недела ќе може овие мерки да се имплементираат. Некои од нив ќе бараат законски измени, некои само одлука на Влада, изјави премиерот Груевски, кој присуствуваше на поставување камен - темелник на четири фудбалски игралишта во општина Аеродром. Тој не сакаше да го коментира интервјуто на грчкиот алтернативен министер за надворешни работи Димитрис Друцас дадено за денешен „Дневник“, посочувајќи дека неговите ставови во врска со прашањето за името се познати. - Го немам видено тоа интервју. Неговите ставови се општопознати. Тие се крајно радикални во однос на проблемот и не би го коментирал, рече Груевски. Коментирајќи ги нападите на опозициската СДСМ на владините проекти, Груевски истакна дека Владата ќе ја продолжи својата политика и ќе продолжи да создава општи добра за сите граѓани на Република Македонија. - Инвестираме 100 милиони евра годишно во земјоделието, Бранко Црвенковски не напаѓа за земјоделието. Купуваме опрема за здравство во износ од 90 милиони евра, Црвенковски не напаѓа за здравството. Градиме многу објекти не напаѓаат зошто градиме, што и да правиме тие ќе напаѓаат, што и да создаваме и да импелементираме од тоа што сме го ветиле повторно напади. Граѓаните нека судат кој е во право, изјави Груевски. Едно време, додаде, ништо не се градеше и никој не виде каде отидоа парите од буџетот. - Денес барем се гради, се создава. Некому тоа му се допаѓа, некому не му се допаѓа...Некој мисли друг е приоритетот, некој мисли ова е приоритетот, но барем се создава нешто што трајно ќе остане.
Овие луѓе во Владата еден ден ќе заминат и нема да си го земат со себе тоа ќе остане на сите граѓани на Република Македонија како општо добро. Ние ќе ја продолжиме нашата политика. Прво тоа што сме го ветиле на граѓаните да го имплементираме, да продолжиме да создаваме општи добра за сите граѓани на Република Македонија, изјави премиерот. Во врска со препораките да се направат информативни кампањи за граѓаните да се запознаат со правилата за патување без виза во земјите од Шенгенската зона, Груевски рече дека еден вид кампања во медиумите е присуството на сите владини функционери вклучувајќи ги и министрите. Тој рече дека не е запознат со наводите дека неговиот коалициски партнер Амди Бајрам организирал патувања за граѓаните кои барале азил во земји од ЕУ односно Белгија
|