|
Медијаторот Метју Нимиц се уште работи на заеднички прифатлив термин за посетата на регионот која ја побараа двете влади, соопшти прес службата на генералниот секретар на ОН.
Освен дека новиот сет идеи ќе треба да обезбеди враќање на преговорите во колосек, канцеларијата на Нимиц не соопшти други детали. Дипломатите посочуваат на позициите кои двете страни ги соопштуваат крајно внимателно. Заменик министерот за надворешни работи, Димитрис Друцас, на средбите во САД инсистираше на решение кое би значело име со географска одредница за севкупна употреба. Шефот на кабинетот на премиерот Груевски, Мартин Протоѓер, кој директно е инволвиран во преговарачкиот процес денеска во провладиниот „Вечер“, меѓу редови ја остава отворена можноста за промена на името на државата, ако како што вели, тоа е неопходно и ако за тоа се решат граѓаните со лично изјаснување.
Дали тоа е компромисот, кој како што тврдат европратениците Свобода и Кацин однадвор јасно се гледа, Атина и Скопје се подготвени за договор околу името на државата. Тоа, според Вашингтон и во Брисел е најважниот чекор во затварање на спорот. На сметка на македонската согласност на опсегот на употреба на новото име, Грција би требала да се откаже од проблематизирање на идентитетот и јазикот и барањето за промената на уставот. Колку реални се овие најави, можеби ќе стане појасно следниот четврток, кога премиерите Папандреу и Груевски, ќе се сретнат на маргините на самитот на ЕУ за итни случаи во Брисел.
|