


Понеделник, 08 Февруари 2010 20:30
Флеш Вести

Oдредена е мерка притвор во траење од 30 дена за битолчанецот Христо Ѓоргиевски-Спанаќот, осомничен за опожарување на својата куќа, информира СВР-Битола.
- Поднесена е кривична пријава против битолчанецот Христо Ѓоргиевски заради постоење основано сомнение дека предизвикал кривично дело –тешки дела против општата сигурност, казниво според член 292 од Кривичниот законик на Република Македонија. На пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена и задолжително лекување во психијатриската болница во Демир Хисар, каде во арестантското одделение ќе ја издржува мерката притвор, изјави Ѓоко Стрезоски, портпарол на СВР-Битола.
Во саботата околу 17 часот на улицата „Солунска“ во централното градско подрачје во Битола изгоре куќата на Христо Ѓоргиевски-Спанаќот, а од пожарот големи штети беа предизвикани на две соседни куќи.
Битолчанецот Христо Ѓоргиевски-Спанаќот, препознатлив по своите самостојни кандидатури во сите изборни циклуси, од 12 ноември 2008 година е лице без деловна способност поради душевно заболување, за што му е одредено посебно лице старател, потврдија од Центарот за социјална работа во Битола на денешната средба со новинарите.